Македонија Министерот за здравство се сретна со болните од цистична фиброза кои го...

Министерот за здравство се сретна со болните од цистична фиброза кои го чекаат лекот „трикафта“

За пациентите кои ќе бидат ставени на терапија со лекот „трикафта“, одлучува стручна комисијата формирана од министерот за здравство, а одлуките се носат согласно изготвен протокол, велат од Министерството

Од протестот на Здружението на пациенти со цистична фиброза во февруари 2023 година | Фото: Мета.мк

Денеска министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити се сретнал со претставници од Здружението за цистична фиброза, откако тие се собраа пред зградата на Министерството бидејќи, како што велат, сè уште чекаат да го добијат лекот „трикафта“ кој им е неопходен.

Од Министерството за здравство информираат дека минатата недела, Фондот за здравствено осигурување обезбедил дополнителни средства за лекот „трикафта“ за дополнителен број на пациенти со цистична фиброза.

„За пациентите кои ќе бидат ставени на терапија со лекот „трикафта“, одлучува стручна комисијата формирана од министерот за здравство, а одлуките се носат согласно изготвен протокол“, велат од Министерството.

Соговорниците на средбата разговарале и за реконструкција и доопремување на Центарот за цистична фиброза при ЈЗУ Институт за белодробни заболувања во Козле.