Македонија Министерот за образование Јетон Шаќири на средба со директорот на Британскиот совет,...

Министерот за образование Јетон Шаќири на средба со директорот на Британскиот совет, Питер Браун

Фото: МОН

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорот на Британскиот совет Питер Браун денес по средбата на која разговараа за идните проекти соопштија дека Британскиот совет продолжува со интензивна поддршка на образовниот систем во Северна Македонија.

Според МОН, во серијата планирани активности се работи и на подготовките за најголемиот светски собир на министри од областа на образованието и вештините, Светскиот образовен форум, што ќе се одржи следната година во мај, во Лондон.

Поврзано со програмата „Училишта на 21 век“ , претставници на Министерството за образование и наука ќе учествуваат на студиско патување со цел посета на институции и продлабочено запознавање со теми од интерес.

Соговорниците ја разгледаа и можноста за вклучување на наставници во глобалните програми за професионален развој и ангажман, што ги реализира Британскиот совет.

Директорот Браун информираше дека Британскиот совет ќе продолжи со испитите за јазична компетенција во партнерство со Центарот за странски јазици. Министерот Шаќири се заблагодари на Британскиот совет за досегашната успешна соработка во промовирањето на англискиот јазик како и на дигиталното образование и вештини преку програмата „Училишта на 21 век“.