Свет Балкан Министерот Попоски на работна посета во Србија

Министерот Попоски на работна посета во Србија

Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски, денеска оствари работна посета на Република Србија, на која се сретна со српскиот министер за надворешни работи и потпретседател на владата, Ивица Дачиќ, и со српскиот премиер, Александар Вучиќ.

На средбите биле потврдени определбите на двете земји за понатамошен развој на билатералните односи во сите области од заеднички интерес, како и намерата за зајакнување на економската соработка.

„Воедно, шефовите на дипломатијата од двете земји и претседателот на владата на Србија разговараа за евроинтеграциите и се согласија дека ќе продолжат меѓусебно да се поддржуваат на европскиот пат. Со оглед на тоа дека Македонија и Србија се соочуваат со голем прилив на бегалци и на мигранти од Блискиот и од Средниот Исток, соговорниците истакнаа дека двете држави се подготвени да ја продолжат меѓусебната координација, како и координацијата со нивните европски партнери во решавањето на ова прашање“, информираат од МНР.

На средбата била нагласена важноста од одржување на мирот и на стабилноста во регионот, а соговорниците потврдиле дека двете земји ќе продолжат да придонесуваат во остварувањето на оваа цел.