Свет Европа Мини самит во Париз за мигрантската криза

Мини самит во Париз за мигрантската криза

Лидерите на седум африкански и европски земји се состануваат денеска во Париз на мини самит за да разговараат за предизвиците кои ги носи мигрантската криза во Европската Унија.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика колегите од Нигер и Чад како и премиерот на либиската влада, односно лидерите на државите кои се на главната транзитна рута за мигранти кои идат кон Европа.

Германската канцеларка Ангела Меркел, шпанскиот и италијанскиот премиер Маријано Рахој и Пауло Џентилони и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини ќе се придружат на денешните преговори.

Европските земји сакаат да понудат развојна помош и финансиски средства на африканските партнери во замена за помош во ограничување на приливот на економски мигранти и баратели на азил.

Според податоците на Обединетите нации, вкупно 125.000 мигранти оваа година го поминале Средоземното море по морски пат, од кои најголем број најпрво пристигнале во Италија по што заминале во други членки на ЕУ.

Се проценува дека 2.400 мигранти го загубиле својот живот на таа рута.