Свет Европа Минатата недела 880 лица се удавиле во водите на Медитеранот

Минатата недела 880 лица се удавиле во водите на Медитеранот

Најмалку 880 мигранти се удавиле во текот на изминатите седум дена во обид да го преминат Средоземното Море, соопшти агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).

Во соопштението на УНХЦР се наведува дека оваа година се покажала како исклучително смртоносна, затоа што од почетокот на годината во бродоломи и превртувања на чамци се удавиле вкупно 2.510 луѓе.

Во истиот период минатата година, во слични инциденти загинаа 1.855 мигранти.

– Криумчарите во овој момент качуваат луѓе во чамци кои воопшто не се соодветни за пловидба. Се случува веднаш штом тие чамци ќе запловат, криумчарите да ги викнат спасувачите и тие ги спасуваат мигрантите. Спасувачите се во трка со времето додека се обидуваат да стигнат до мигрантите пред нивните чамци да потонат, а во некои случаи воопшто не стигнуваат на време – изјави портпаролот на УНХЦР Вилијам Спиндлер.