Македонија Милошоски: Одлуката на Јанева за притворот на Верушевски е скандалозна и опасна

Милошоски: Одлуката на Јанева за притворот на Верушевски е скандалозна и опасна

Она што Зоран Заев го нарача и го нареди, Верушевски да се ослободи од притвор, Катица Јанева го исполни, рече денеска на прес-конференција пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, додавајќи дека „срамна и жална е леснотијата и ароганцијата со која Јанева поданички и додворувачки побрза да му удоволи на Заев“.

– Одлуката на Јанева, да не побара продолжување на притворот на Зоран Верушевски, првоосомничен во случајот „Пуч“, е скандалозна, неправична и многу опасна – рече Милошоски.

Според него, постојат сериозни основи за сомневање, со ваквата одлука на специјалната обвинителка, Верушевски да може да изврши повторување на делото за кое се сомничи и може да изврши влијание врз сведоците.

– Имајќи предвид дека јавно е признаено дека Верушевски и Заев договарале бегство на Верушевски од Македонија, повеќе од извесна е опцијата дека сега кога Верушевски не е во притвор, тој може да стане недостапен за органите на прогонот, особено во ситуација кога министер за внатрешни работи е генералниот секретар на СДСМ. Извесност на опцијата за бегство од земјата е третата основа по која задолжително се определува притвор. Со оваа своја одлука, која не е базирана на аргументите, Катица Јанева наместо во интерес на правдата, дејствува во интерес на попречување на правдата – изјави Милошоски.

Тој додаде дека со оваа одлука Јанева настапила како бранител на Зоран Заев и на Зоран Верушевски, обвинети во случајот „Пуч“.

– Јанева од денеска, во очите на целокупната јавност, претставува само класично партиско апаратче на СДСМ, и таа треба да живее со тоа. Македонија издржала и поголеми апаратчиња од неа. ВМРО-ДПМНЕ изразува сериозна резерва кон секој чекор што ќе го преземе Јанева во иднина, како во поглед на нејзината непристрастност, така и во поглед на законитоста на нејзините дејствувања – рече Милошоски.