Свет Европа Мигранти скокаат во приколки од камиони во обид да стигнат до Велика...

Мигранти скокаат во приколки од камиони во обид да стигнат до Велика Британија

Стотици мигранти во францускиот град Кале илегално скокаат во приколките од камиони-шлепери, обидувајќи се да влезат во Велика Британија, пренесува „Би-Би-Си“.

Безбедноста на северената граница на Франција, во врска со настаните, кои траат веќе неколку дена, е засилена, но полициските сили тешко се справуваат со големиот број мигранти, кои очајнички се обидуваат да стигнат до островот.

Вчера, поради настанатата ситуација, пристаништето во Кале и тунелот под Ла Манш беа затворени релиси цел ден.

Во меѓувреме, локалните власти на Кале ги обвинуваат Британците дека не помогаат доволно во решавањето на проблемот.

Британскиот премиер, Дејвид Камерон, во обраќање пред Долниот дом на Парламентот, истакнал дека во врска со случувањата во Кале мора да се работи на три работи, односно поголема безбедност на Кале и соработка со француските власти околу проблемот, соработка со европските партнери и „да се направи повеќе за да се покаже дека Британија не е место во кое илегалните мигранти лесно ќе можат да влезат и да добијат работа“.