Македонија Мицкоски предложи професори да го напишат Законот за јавно обвинителство

Мицкоски предложи професори да го напишат Законот за јавно обвинителство

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција предложи шестмина професори по уставно и казнено право да го напишат Законот за јавно обвинителство.

Тој како што рече не е против овој закон туку е пртив актуелниот предлог-закон кој го нарече партиски. Мицкоски ги предложи професорите Владо Камбовски, Гордана Силјановска, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ исто така информираше дека пратеничката група на оваа партија ќе поднесе предлог за распуштање на Собранието на 12 февруари и тогаш ќе се види кое е „за“ а кој „против” одржувањето предвремени избори.

„Не е до законот туку до анкетите за разнишаниот рејтинг. На овој начин сака да ги одложи изборите и да избегне одговорност. Законот го користи за да избега од избори,“ рече Мицкоски во однос на вчерашната изјава на претседателот на СДСМ, Зоран Заев дека доколку не се донесе Законот за ЈО, нема распуштање на Парламентот.