Македонија Мицкоски повика на избори и итни реформи

Мицкоски повика на избори и итни реформи

Недобивањето на датум за преговори е лоша и непосакувана вест за Македонија.Треба да бидеме свесни дека државата влегува во разочарување и сето ова е последица на погрешните политики водени во последните неколку години.

Ова денеска го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Ќе се согласам дека ваквата одлука за недобивање датум е пораз, но тоа не е пораз на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, тоа е пораз на политиките на Зоран Заев и оваа власт. Тоа е политика без концепт, без визија, со многу криминал, корупција, арамилук, неработа и измами. Оправдано се добива чувството кај граѓаните дека таа политика не втурна во бесконечен круг на многу откажувања, многу отстапки, себепорекнувања, подголтнувања, за да на крајот сето ова да заврши со неуспех“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Македонија има пријатели во Европа, а Европската унија продолжува да биде наша стратешка цел.

„И мора да се биде самокритичен и да се признае дека нема датум за отпочнување на преговори затоа што нема реформи. Затоа што народот живее тешко и нема друга држава каде криминалот царува со системот. Имаме систем во распаѓање и власт која што не испорачува правда туку е заштитник на неправдата. Јас ја разбирам разочараноста која се јавува кај голем број од граѓаните на нашата држава, и ова не е последица на само една погрешна одлука на Зоран Заев и оваа влада, туку перманентно погрешни одлуки на кои укажувавме и апелиравме да не се прават, а тие своеглаво продолжија да управуваат кон ѕидот кој се испречува пред нас“, додаде Мицкоски.

Тој го повика на средба државниот врв кој ќе дискутира за иднината на Македонија.