Во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, Фондацијата Метаморфозис организираше онлајн настан за промоција на Иницијативата „Отворен град” која има за цел да ги трансформира градовите во потранспарентни, отворени и достапни организации, кои се во постојан контакт со граѓаните и кои одговараат на нивните потреби.
„’Отворен град’ е модел за унапредување на работењето на градовите преку креирање на нова, подемократска локална инфраструктура на отвореност и партнерство со сите кои имаат удел во работењето и создавањето на подобра иднина во градовите: индивидуалните жители, организациите во заедницата, градската администрација, креаторите на политики и меѓународните партнери“, велат од Метаморфозис.
Во наредниот период Фондацијата Метаморфозис ќе одржи повеќе онлајн настани и ќе се фокусира на различни аспекти поврзани со концептот како што се: алатки и најдобри практики за „Отворен град“, отворени податоци, отворена влада на локално ниво и учество на граѓаните во одлучувањето и креирањето на политики на локално ниво. Настаните кои следат ќе се одржат на:
- 21-ви септември 2020 година, 12:00 часот, настан на тема: Учество на граѓаните во одлучувањето и креирањето на политики на локално ниво, говорник: Кристина Јованова, Мисија на ОБСЕ во Скопје
- 25-ти септември 2020 година, 12:00 часот, настан: Работилница за отворени податоци и вклучување на засегнатите страни, говорник: Nathan Coyle, New Union– Велика Британија
- 29-ти септември 2020 година, 12:00 часот, настан на тема: Отворена влада на локално ниво, говорници: Гордана Димитровска Гапиќ, Министерство за информатичко општество и администрација и Bernhard Krabina, Центар за истражување во јавната администрација (КДЗ) Австрија
Во текот на септември и октомври, исто така, ќе бидат организирани онлајн обуки на тема Отворен град, наменети за претставници на локални граѓански организации и претставници на општините.