Свет Европа Меркел и Ердоган вчера во Кина разговарале за имплементација на договорот со...

Меркел и Ердоган вчера во Кина разговарале за имплементација на договорот со ЕУ

Првата средба меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по обидот за воен удар на 15 јули, мина во контруктивна атмосфера, информираа денеска од прес-службата на германската влада.

Меркел и Ердоган се сретнале ноќеска, по европско време, на маргините на Г20-самитот во кинескиот град Хангџоу.

Како што информираше портпаролот на германската влада, Штефан Зајберт, Меркел и Ердоган разговарале за германско-турските односи, за понатамошна имплементација на договорот ЕУ – Турција за бегалците, како и за заемните грижи во врска со граѓанската војна во Сирија.

Според Зајберт, дискусијата била конструктивна, а германската канцеларка по средбата најави добри вести за прашањето во врска со визната либерализација за турските граѓани кои патуваат во ЕУ, како и за посетата на германски парламентарци кои не можат да добијат дозвола за влез во воената база Инџирлик, каде се сместени германски војници.