Свет Меркел: Асад треба да учествува во мировните преговори

Меркел: Асад треба да учествува во мировните преговори

Германската канцеларка, Ангела Меркел, вели дека сирискиот претседател Башар ал Асад треба да учествува во кој било вид мировни преговори околу завршувањето на конфликтот во таа земја.

– Мораме да разговараме со многумина, а тоа го вклучува и Асад – рече Меркел на конференцијата за новинари во Брисел, по самитот на лидерите на ЕУ посветен на бегалската криза.

Меркел истакна дека е потребно да се разговара не само со САД и со Русија, туку и со важните регионални партнери, Иран и сунитските земји, како што е Саудиска Арабија.

Меркел, францускиот претседател, Франсоа Оланд, и британскиот шеф на дипломатијата, Филип Хамонд, повикаа Обединетите нации да вложат додатен напор за да се реши конфликтот во Сирија.

Поради конфликтот, 12 милиони луѓе ги напуштиле своите домови.

Оланд повика на одржување нова мировна конференција во Сирија за да се заврши војната во таа земја.

– Повикувам на нова мировна конференција за да можат сите земји што сакаат да се врати мирот во Сирија да дадат придонес – рече Оланд.

Под капата на ОН беа одржани две мировни конференции во Женева во 2012 и во 2014 година и двете завршија без договор затоа што опозицијата и нивните западни сојузници одбиваа Башар ал Асад да има каква било улога во иднината на Сирија.