Свет Европа Меј ќе разговара со министрите за Брексит

Меј ќе разговара со министрите за Брексит

Британската премиерка Тереза Меј денеска ќе се состане со министрите за да ги разгледаат преговорите за излез на Велика Британија од Европската Унија, јавува „Би-би-си“.

Пред летната пауза, Меј побара од министрите да идентификуваат, како што наведе, можност во своите министерства, а сега очекува извештаи од нив, меѓу другото, и за начинот на кој Велика Британија треба да преговара со Брисел за излез од ЕУ.

Премиерката во својата резиденција во Чекерс ќе се сретне со членовите на владата, меѓу кои ќе биде и министерот задолжен за преговорите за излез од ЕУ, Дејвид Дејвис, министерот на надворешни работи, Борис Џонсон, и министерот на надворешна трговија, Лијам Фокс.

Меј претходно изјави дека Велика Британија нема пред почетокот на следната година да го активира членот 50, официјалниот механизам за почеток на излегувањето од ЕУ.

„Би-би-си“ наведува дека сегашните разговори се сметаат за најзначајни од референдумот кој се одржа на крајот на јуни и оти претставуваат крај на затишјето кое владееше за време на летото.