Македонија Медицинска сестра суспендирана од работа, ненамерно пресекла дел од прст на бебе

Медицинска сестра суспендирана од работа, ненамерно пресекла дел од прст на бебе

Дежурниот педијатар постапил максимално професионално и веднаш бил повикан детски хирург. Новороденчето е префрлено на Клиниката за детска хирургија, каде му била санирана повредата

Фото: Профил на Фејсбук на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство

Немил настан се случил на одделот за новородени деца на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК). За време на испис на новороденче, акушерка ненамерно му пресекла мал дел од палецот на бебето.

Ова го соопштија денеска од Министерството за здравство, како што велат, по добиениот одговор од ГАК.

Дежурниот педијатар, додаваат од таму, постапил максимално професионално и одговорно и веднаш бил повикан детски хирург. Новороденчето е префрлено на Клиниката за детска хирургија, каде му била санирана повредата.

Акушерката била суспендирана, дадена на Дисциплинска комисија и ѝ била изречена максимална казна според Законот за здравствена заштита, како и промена на работното место.