Македонија Матурантите денеска ќе го полагаат првиот тест од државната матура

Матурантите денеска ќе го полагаат првиот тест од државната матура

Вкупно 16.426 матуранти денеска со полагањето на тестот по мајчин јазик и литература ќе ги започнат полагањата на тестовите од државната матура кои ќе траат до 14 јуни. Според податоците на Државниот испитен центар, пријавени се 10.632 матуранти за македонски јазик, 5.120 за албански јазик и 418 за турски јазик.

На 10 јуни е закажано полагањето на странски јазик. Најголем број – 15.201 се пријавени за англиски јазик, за француски јазик 108, за германски 197 и за руски јазик 26 кандидати.

Тестирањето по предметот математика е на 12 јуни, а пријавени се 2.070 матуранти.

Последниот екстерен испит од државната матура ќе се полага на 14 јуни – за тест по биологија се пријавени 3445, за хемија 282, за физика 119, за историја 2.900 кандидати, за бизнис 4.298, филозофија 3.684 и за естетика 193 кандидати.

Според видот на образование, 8.274 од вкупниот број пријавени матуранти се од гимназиско образование, 7.881 од средно стручно и 271 кандидат од средно уметничко образование.

Првичните резултати од тестовите треба да бидат објавени најдоцна до 14 јули, односно еден месец по последниот екстерен испит.