Македонија Малчески: МОН ги испочитува забелешките на Комисијата за „Кембриџ“

Малчески: МОН ги испочитува забелешките на Комисијата за „Кембриџ“

Професорот дополнува дека она што го поседува СДСМ е негово обраќање до неговите колеги математичари за неакадемското однесување на нивна колешка

Точно е дека бев претседател на Комисијата за избор на учебници според новата наставна програма изготвена од Центарот за образовни програми од „Кембриџ“, но сакам да ги демантирам кажувањата на СДСМ, вели во својот демант професорот Ристо Малчески.

Тој информира дека до Комисијата пристигнале два комплети учебници од прво до трето одделение од издавачките куќи „Просветно дело“ и „Арсламина“, а по анализата, Комисијата до Министерството за образование и наука доставила известување и записници за сите шест пристигнати учебници.

– Она што е точно е дека Комисијата едногласно ги отфрли сите три учебници од издавачката куќа „Кембриџ“ бидејќи не ја покриваа програмата и поради бројните материјални, методски и научни грешки. Ваквата препорака на Комисијата е во целост почитувана од надлежното Министерство и во употреба се учебниците од издавачката куќа „Нелсон“, кои и добија препорака од Комисијата што ја раководев – вели Малчески.

Професорот дополнува дека она што го поседува СДСМ е негово обраќање до неговите колеги математичари за неакадемското однесување на нивна колешка, која со уцена се обидела да издејствува од Комисијата да бидат предложени учебниците понудени од издавачката куќа „Кембриџ“.

– Како долгогодишен професор, во целост стојам зад документите потпишани од Комисијата и зад писмото за неакадемското однесување на нашата колешка математичарка – вели во својот допис професорот Малчевски.