Свет Балкан Македонците во Албанија масовно го прославуваат Илинден

Македонците во Албанија масовно го прославуваат Илинден

Во прославата на 2 Август – Националниот празник на Република Македонија, се вклучија и Македонците од Албанија. Општина Пустец, единствената локална единица во оваа земја и област населена исклучиво со Македонци, прославата ја организира утре, на 2 август, во Шулин, кај месноста Шулинска ледина, со почеток во 10.30 часот.

Во рамките на одбележувањето на празникот, предвидена е богата музичка програма и илинденски пикник.

– Ги поканивме Македонците од Општина Пустец и од другите делови на Албанија да дојдат масовно и достоинствено да го одбележиме Илинден, најголемиот празник на македонскиот народ – вели за „Мета“ генералниот секретар на партијата на Македонците (МАЕИ), Васил Стерјовски.

Повик упатија и од Македонско друштво „Илинден“ од Тирана, со разгранокот за Голо Брдо.

„Да го почитуваме и славиме овој голем ден во чест на Илинденско востание од 1903 година“, се вели во повикот на друштвото „Илинден“.