Дописници Македонците се дел од подготовката на Законот за национални малцинства во Албанија

Македонците се дел од подготовката на Законот за национални малцинства во Албанија

Етничките Македонци активно партриципираат во подготовката на Законот за заштита на националните малцинства во Албанија.

Со неговото усвојување, Македонците ќе добијат можност македонскиот јазик, покрај во селата на општина Пустец, да го изучуваат и во Голо Брдо, Гора и насекаде каде што има Македонци.

Предлогот сега е на јавна расправа, додека министерството за надворешни работи на Албанија преку јавен повик побара од сите заинтересирани страни да ги достават своите забелешки и сугестии до 28 декември годинава.

– Заедно со преставниците на другите малцинствата во Албанија, учествувавме на дебатата во организација на Народниот правобранител на Албанија. На конференцијата свои излагања околу содржината на проект-законот за заштита на малцинствата имаа Народниот правобранител, заменик-амбасадорот на ОБСЕ во Албанија, преставници од албанското МНР. Ние ги изложивме нашите ставови и очекувања – вели Васил Стерјоски, генерален секретар на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

Со поддршка се огласи и Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, кое го поздрави предлог-законот кој сега е на јавна расправа и ги повика парламентот и сите политички партии да го гласаат со апсолутна поддршка.

– За нас, усвојувањето на законот ќе значи крај на една борба што ја водевме од 1991 година. Ги повикуваме Македонците во Албанија и целата добронамерна јавност, со свои сугестии и поддршка, да се вклучат во дебатата што ја отвори албанското МНР – вели за „Мета“ претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓургај.