Дописници Македонците од Албанија повикуваат на смиреност

Македонците од Албанија повикуваат на смиреност

Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, заедно со разгранокот за Голо Брдо, изразуваат длабоко жалење за загинатите полицајци и граѓани во вооружениот судир во Куманово, искренo сочувствувајќи со семејствата на жртвите. Истовремено, до повредените, испраќаат желби за брзо закрепнување.

„Повикуваме на смиреност и на трпение, повикуваме на толеранција и на заемно уважување. Апелираме до сите политички фактори во Република Македонија да најдат сили и со дијалог и со меѓусебна почит да најдат решенија за надминување на проблемите. Уверени сме дека постојат можности, желба и политичка волја за општо добро на севкупниот македонски народ и на сите граѓани на Македонија“, се вели во нивното соопштение.

Од друштвото „Илинден“,ги повикуваат граѓаните, независно од етничкото потекло и од верското уверување, да се воздржат од меѓусебни пресметки заради други и туѓи интереси за влијание на овие простори!

Македонското друштво „Илинден“ од Тирана и разгранокот за Голо Брдо се надеваат дека во најскоро време ситуацијата ќе биде нормализирана, бидејќи мирот и безбедноста во Македонија се фактор за одржување и за зацврстување на регионалната стабилност и безбедност.