Дописници Македонците од Албанија и од дебарскиот регион разиваат заеднички образовни проекти

Македонците од Албанија и од дебарскиот регион разиваат заеднички образовни проекти

Македонско друштво „Илинден“ од Тирана, Република Албанија и Здружението за заштита и негување на културата, вредностите на рурален развој „Калуѓерица“ од Џепиште кај Дебар, Република Македонија, вчера потпишаа меморандум за соработка.

Според документот, договорена е имплементација на програмските цели на двете организации, односно подготвување заеднички проекти од образовен, едукативен и друг карактер. За двете организации, исто така, од исклучително значење е употребата и заштита на националните обележја, како и почитувањето и развивањето на традициите во областа Голо Брдо.

– Значајно место во активностите за остварување на соработката зазема и идното организирање трибини, прослави и свечености со учество на културно-уметнички друштва од двете земји, потоа активирањето едукативни центри, ангажирањето високостручен кадар во образовниот систем, културата, спортот и друго. Размената на кадри во едукативните процеси, размената на деца и на младинци како учесници во разни манифестации и работилници, исто така, имаат клучно место во соработката – вели за „Мета“, Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво „Илинден“ од Тирана.