Култура Македонското културно наследство претставено во музејот Лувр во Париз

Македонското културно наследство претставено во музејот Лувр во Париз

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, во рамките на престојот во Франција, денеска го посети и македонскиот штанд на Меѓународниот саем за културно наследство, кој од 5 до 8 ноември се одржува во престижниот изложбен простор „Карусел“, во рамките на музејот Лувр во Париз.

Македонија првпат се претставува на овој исклучително значаен саем, кој ги обединува професионалците од областа на заштитата на материјалното и на нематеријалното културно наследство од целиот свет.

Канческа-Милевска оствари и работна средба со раководството на саемот, кој повеќе од 20 години, во организација на „Ателје де арт де Франс“, познато здружение на француски занаетчии, го привлекува вниманието на експертската јавност од сферата на заштитата на културното наследство.

На средбата беше договорено Македонија и наредната година да има своја презентација на овој еминентен саем, посветен на културното наследство на земјите од сите континенти.

На македонскиот штанд, кој е во организација на Управата за заштита на културното наследство, се претставени голем број публикации, видеоматеријали и други видови промотивни материјали за богатата македонска култура, како и новите десет публикации за културното наследство на Република Македонија што неодамна беа промовирани пред македонската јавност.