Македонија Македонскиот почесен конзул во Шпанија се обидел да се самоубие

Македонскиот почесен конзул во Шпанија се обидел да се самоубие

Почесниот македонски конзул во Шпанија, Марио Сезар Деус, кој е осомничен за убиство на своите тригодишни близнаци, вчера не се појави пред судот во Кејп Таун бидејќи завршил во болница откако се обидел да се самоубие, јавуваат јужноафриканските информативни веб-страници.

Неговиот адвокат, Вилијам Бут, на судот му доставил документ во кој се наведува дека неговиот клиент, додека бил во притвор, си нанел сериозни повреди во пределот на стомакот, поради што веднаш бил пренесен во болница.

Сепак, адвокатот надвор од судот не сакал да ги коментира информациите дека неговиот клиент се обидел да се самоубие додека бил во притвор.

Деус се соочува со две обвиненија за убиство и едно за кражба на моторно возило.

Неговата поранешна сопруга, Џулиа Енгелхорн, ги пронашла телата на близнаците Максимо и Октавија, во изнајмена вила во близина на главниот град.

Полицијата соопшти дека Деус, кога ја забележал својата поранешна сопруга во вилата, побегнал со нејзиното возило, но подоцна бил уапсен во предградие на Кејп Таун. Сè уште се истражуваат околностите за смртта на децата.

Стоматологот и бизнисмен Марио Сезар Деус е почесен конзул на Македонија во Барселона од 6 декември 2012 година. Почесните конзули најчесто се претприемачи или бизнисмени, главно државјани на земјата во која се назначени за почесни конзули, а улогата ја добиваат поради добрите односи со властите и со бизнис-заедницата во која живеат.
Македонското МНР вчера соопшти дека ќе почека потврда од шпанските власти на информациите за наводното апсење на македонскиот почесен конзул во Барселона, пред да ги разгледа опциите за одземање или задржување на неговиот статус.