Македонија Македонскиот и грчкиот шеф на полицијата се сретнаа во Солун

Македонскиот и грчкиот шеф на полицијата се сретнаа во Солун

Справувањето со бегалската криза беше главна тема на денешната средба меѓу македонскиот и грчкиот шеф на полицијата, Горанчо Савовски и Константинос Цувалас, во Солун. Ова е прва средба воопшто меѓу шефовите на македонската и на грчката полиција досега. Двајцата шефови на полициите разговараа за актуелни теми од заеднички интерес и за можноста да се продлабочи соработката околу бегалската криза.

Цувалас и Савовски се фокусирале и на можноста да се развие подлабоко полициската соработка меѓу двете страни за подобра борба со организираниот криминал, трговијата со дрога и со луѓе, како и со меѓуграничниот криминал. Било разговарано и за тоа грчката полиција да помогне со технички тренинг на македонските колеги околу теми за кои имаат претходно искуство.

Според соопштението до грчката полиција, средбата била исклучително конструктивна и на истата се размениле идеи и предлози за подобрување на начинот на кој двете страни соработуваат и се справуваат со клучни теми, како бегалската криза и справувањето со организираниот криминал на меѓугранично ниво.

Од грчка страна се оценува дека средбата, која е прва на вакво ниво меѓу шефови на полициите, е од голема важност бидејќи им дала добра можност на двете страни за продолабочување на комуникацијата и на соработката околу бегалската криза и сите други теми што ја засегнуваат меѓуграничната соработка меѓу полициските сили.

На средбата било истакнато и дека полициската соработка меѓу двете страни е значително подобрена од минатиот август, пред сè поради екскалацијата на проблемите со бегалската криза.
Покрај Савовски, на средбата присуствувал и директорот на централните полициски сили, Горан Ѓоргиевски, директорот на граничната полиција, Маринко Кочовски, директорот и советник за прашањата за меѓународна полициска соработка, Борис Палчески, и македонскиот конзул во Солун, Маја Апостолова.