Свет Балкан Македонската и грчката железница бараат начини да ја подобрат соработката

Македонската и грчката железница бараат начини да ја подобрат соработката

Управите на грчката железница и на солунското пристаниште ги интензивираат напорите да се подобри соработката и транспортот на стоки кон Македонија преку „Македонски железници“, за да се залечат раните од постојаните штрајкови, блокадата на железничката линија и проблемите со персоналот изминатите две години.

На оваа тема во Солун вчера разговараа првите луѓе на грчката железница, солунското пристаниште и претседателот на „Македонски железници“, Никола Костов. Претседателот на управата на солунското пристаниште, Констанитнос Мелиос, за „Мета“ вели дека состанокот бил продуктивен и во позитивна клима, а се разговарало за постојните проблеми во товарниот транспорт, за подобрување на комуникацијата и на координацијата за да се зголеми транспорот од Солун кон Скопје и обратно.

Трите страни се договориле секој од своја страна да ги разгледа проблемите што претставуваат пречка и доведуваат до намалената соработка и транспорт, за да се договори побрз и поефикасен железнички транспорт кој ќе одговара на потребите и на македонските клиенти, големите фабрики кои зависат од металите и од основните суровини, кои главно се пренесуваат од солунското пристаниште кон Македонија, но ќе ја помогне работата и на пристаништето и на железницата.

– Во 2015 година имавме голем пад на железничкиот транспорт, околу 75 отсто намалување на транспортот од и кон пристаништето кон вашата држава. Ова главно се однесува на транспорт на метали и на производи од железо и од суровини. Овој пад не е добар и за пристаништето во Солун, но и за работата на фабриките во Скопје, кои, како што беше истакнато на состанокот, вработуваат голем број луѓе и имаат потреба од суровини кои ќе бидат пренесени без дополнително доцнење и повисока цена – вели Мелиос за „Мета“.

Опаднатиот транспорт, како што посочува тој, се должи и на проблемите од реорганизацијата на грчката железница, проблемите со персоналот, но и на годинешната двомесечна блокада на Идомени. Грчката железница на состанокот се обврзала дека ќе работи на подобрување на проблемите со транспортот и линијата од нејзина страна, но и дека ќе се анализира можноста за намалување на цената на железничкиот транспорт кон Македонија за да се зголеми товарниот сообраќај и преносот на стоки.

Директорот на грчките железници, Филипос Цалидис, за грчките медиуми потенцирал дека проблемите се должат и на ретката комуникација со македонската страна, за која по состанокот е оптимист дека ќе се подобри, но и проблемот со мал број машиновозачи, проблеми со железничката мрежа во Грција, како и преминот од електрична на дизел-локомотива.

По состанокот во Солун трите компании планираат, доколку има потреба, да имаат и следен за да ги координираат меѓусебно програмите за 2017 година.