Економија Македонија е на 10. место во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка

Македонија е на 10. место во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка

Македонија се наоѓа на 10. место во извештајот на Светска банка „Дуинг бизнис“ за 2017 година и е за две места подобро рангирана од лани.

Во рамките на овој извештај се истражуваат законите што ја зголемуваат бизнис-активноста и оние што ја ограничуваат.

Македонија е највисоко рангирана во категоријата почнување бизнис и е на 4. место во светот. Во категоријата плаќање даноци сме на 9. место, додека во категоријата заштита на малцинските инвеститори сме на 13. место. За издавање градежни дозволи  сме рангирани на 11. место во светот.

Најлоши оценки оваа година имаме во категоријата регистрирање имот, во која сме рангирани на 48. место.

Лани, угледниот меѓународен неделник „Економист“ даде сериозни забелешки во однос на рангирањето на земјите во извештајот „Дуинг бизнис“ (Doing Business) на Светската банка, изразувајќи загриженост поради одредени негови недостатоци.

Според овој магазин, поголем број земји кои високо котираат или, пак, имаат брз подем на листата „Дуинг бизнис“, во суштина се – сиромашни.

Ова е 14. извештај „Дуинг бизнис“ на Светска банка, во кој се рангираа 190 економии во светот.