Македонија Македонија е 36-та земја која бара формирање Специјален трибунал за руската агресија...

Македонија е 36-та земја која бара формирање Специјален трибунал за руската агресија во Украина

Османи за оваа одлука го информирал неговиот украински колега Кулеба во телефонски разговор, информираат од Министерството за надворешни работи

Фото: Мета.мк

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска го информирал украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба дека Македонија одлучила да се приклучи кон Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина. Османи имал телефонски разговор со неговиот украински колега Кулеба, информираат од Министерството за надворешни работи.

„Ваквиот чекор претставува уште една потврда за нашата континуирана поддршка за Украина во борбата за правда, слобода и споделените демократски вредности. Руската агресија мора што поскоро да престане, а извршителите на воените злосторства мора да бидат изведени пред лицето на правдата”, нагласи Османи.

Воедно, Османи ја реафирмираше цврстата и бескомпромисна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, притоа упатувајќи силна осуда за руската воена инвазија.

Во тој контекст, Османи истакна дека Северна Македонија има преземено низа чекори и мерки како одговор на руските воени дејствија, нагласувајќи ја и поддршката за украинскиот народ во справување со предизвиците од руската агресија.

Дополнително, станало збор и за активностите во рамки на претседавањето на Северна Македонија ОБСЕ, како и за актуелните безбедносни состојби во Украина и на европскиот континент.

Инаку, меѓународната иницијатива за формирање специјален трибунал беше започната од Европскиот парламент на 19 јануари годинава, кој усвои резолуција со која се повикува на формирање меѓународен трибунал што ќе ги врши истражните и обвинителските активности за процесуирање на кривичните дела извршени како последица на агресијата врз Украина.

Меѓународниот кривичен трибунал е поддржан од земјите-членки на ЕУ, Обединетото Кралство, Австралија, САД, но и од земји од други континенти, како што е Гватемала.