Галерија „Mајка и дете“: Тетово е и складиште на возила, општината да преземе...

„Mајка и дете“: Тетово е и складиште на возила, општината да преземе мерки

Иако став 15 од член 5 од Законот за комунални дејности ја обврзува општината да ги отстрани старите возила од јавни површини, такви возила има насекаде низ Тетово. Движењето „Мајка и дете“ започна кампања во која, преку објавување слики на стари возила, кои со години го узурпираат јавниот простор, изразува револт против општината, пренесува „Порталб“.

Фотографиите од старите возила интензивно се објавуваат на социјалните мрежи, а од „Мајка и дете“ изразуваат револт кон општина Тетово, за која велат дека не презема ништо да се реши овој проблем.

На некои од сликите се гледа дека дрвја пораснале околу заборавените возила на улиците.

Oд движењето „Мајка и дете“ велат дека фотографиите ги објавуваат не само за да се подигне свеста на граѓаните, туку пред сè, таа на институциите.

„Тетово има депонии од различни видови, и нивното расчистување треба да започне од некаде. И старите возила се депонии за себе, бидејќи тие не само што му даваат на градот грда слика, туку и ја загадуваат животната средина. Далеку сме од европско Тетово, кое што го очекувавме“, велат од „Мајка и дете“.

Велат дека револтирани граѓани, кои се придружуваат на нивната кампања, постојано им праќаат фотографии од узурпирани површини.