Македонија ЛП: Налепниците нема да го решат проблемот со загадувањето

ЛП: Налепниците нема да го решат проблемот со загадувањето

Либералната партија (ЛП) смета дека со воведувањето на црвена, жолта и зелена еколошка налепница за возилата нема да се реши проблемот со загадувањето.

„Ќе се удри по најсиромашниот слој граѓани кои својата последна заштеда ја искористиле за купување на сопствено возило, кое во 21 век претставува потреба, а не луксуз. Загадувањето прикажано на мерните станици покажува најголеми бројки на загадување во часовите по полноќ, период во кој низ главниот град се движи минорен број на возила. Затоа сметаме дека одговорноста треба да се бара во дивите депонии, потпалувачите на отпад и фабриките“, порача партијата.

ЛП вели дека и субвенционирањето на електрични и хибридни возила не е долгорочно решение и предлага Владата да ја укине акцизата за увоз на нови автомобили, товарни возила и механизација во наредните две години, за во краток период граѓаните да се ослободат од старите возила. Партијата предлага и во деновите со загадување над максимално дозволените граници, автобускиот превоз да биде бесплатен за сите граѓани во земјава.