Македонија Лога бара од Пендаровски да го свика Советот за безбедност за условите...

Лога бара од Пендаровски да го свика Советот за безбедност за условите во затворите

Од Министерството велат дека ќе се бара да се разгледа и состојбата со над 2.800 осудени лица со упатен акт, кои не ја отслужуваат затворската казна поради недостиг на простор

Фото: Мета.мк

Министерот за правда, Кренар Лога, најави дека ќе испрати писмо до Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, со кое ќе побара да свика седница на Советот за безбедност, на која би се разгледувала состојбата во затворите во земјава.

Во соопштението на Министерството за правда се вели дека ќе се бара да се разгледа и состојбата со над 2.800 осудени лица со упатен акт, кои не ја отслужуваат затворската казна поради недостиг на простор, а кои претставуваат потенцијална опасност за целото општество. Воедно, според Лога, постои и можност досегашните дела да им застарат и со тоа да се охрабрат истите да ги повторат.

Посебно писмо министерот Лога ќе испрати и до министерот за внатрешни работи и директорите на АНБ и АР, од каде ќе се побарат истите информации.

Предложениот закон за амнестија на Лога на вчерашната седница не ја доби поддршката од пратениците. Министерот, сепак, не се откажува од носењето на ваков закон, со кој осудените до 6 месеци затвор целосно ќе бидат ослободени од издржување на казната, а на останатите осудени за полесни кривични дела ќе им се скрати казната за една третина.

Од 120 пратеници, вчера само 15 гласаа за носењето на законот, од ДУИ и од Алијанса за Албанците. Останатите 66 пратеници, меѓу кои и од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беа против, а тројца гласаа воздржано.

Законот за амнестија на Лога не помина во Собрание, СДСМ гласаше против