Свет Европа Лидерите на ЕУ го поддржаа новото примирје во Украина, соопшти Кремљ

Лидерите на ЕУ го поддржаа новото примирје во Украина, соопшти Кремљ

Лидерите на Русија, Украина, Германија и Франција го поддржаа новото примирје на истокот на Украина, кое би требало да стапи на сила на 1 септември, соопшти Кремљ.

„Лидерите ја поддржаа одлуката на Контакт групата за воведување ново примирје од 1 септември, кога почнува школската година“, стои во соопштението на Кремљ издадено по телефонскиот разговор на германската канцеларка, Ангела Меркел и претседателите на Русија, Владимир Путин, на Украина, Петро Порошенко и на Франција, Емануел Макрон.

Властите во Киев исто така соопштија дека за време на разговорот е поддржано воведувањето на новото примирје и додадоа дека е неопходна натамошна примена на мировниот договор од Минск од 2015 година.

Судирите на истокот на Украина избија во април 2014 година, откако во февруари беше соборен од власт претседателот Виктор Јануковиќ. Жителите на овој дел од Украина на референдум се изјаснија за отцепување и приклучување кон Русија, по што судирите се засилија. Во немирите настрадаа повеќе од 10.000 луѓе, а во февруари 2015 година е потпишан мировен договор кој подразбира прекин на огнот, повлекување на оружјето од првите линии на фронтот и спроведување уставни реформи.