Здравје Лицата со попреченост од утре може да поднесат барање за повластено користење...

Лицата со попреченост од утре може да поднесат барање за повластено користење на услугите на „Градски паркинг“

фото: Jakub Pabis на Unsplash

Почнувајќи од утре, лицата со пореченост ќе можат да поднесат барање за користење на повластен паркинг услуги за 2023 година, соопштија од ЈП „Градски паркинг“ – Скопје. Барањата може да се поднесуваат до 1 декември.

Според насоките од претпријатието, граѓаните кои се жители на Град Скопје, треба да достават до „Градски паркинг“ уредно пополнето барање или пак истото да го пополнат на лице место во канцелариите на претпријатието и да достават копија од важеча сообраќајна дозвола со која се утврдува дека возилото е регистрирано, лична карта на увид од лицето со посебни потреби, инвалидска книшка, потврда од матичен лекар со точно наведена дијагноза во оригинал, не постара од еден месец, Решение од ПИОМ за степен на телесно оштетување, како и лекарски наод од специјалист на увид.

Од „Градски паркинг“ информираа дека  право за повластено користење на паркинг услугите имаат лицата со попреченост на кои им е дијагностицирано: дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплегија, детска парализа (полиомиелитис), како и слепи лица со оштетување на видот над 90%, лица на дијализа и лица со ампутација на рака или нога со признато телесно оштетување од 80% утврдено со акт на надлежната комисија во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.

Доколку лицето не е во можност лично да ги поднесе документите, тоа може да го стори негов роднина или близок, со потпис од корисникот на самото барање и со поднесена комплетна документација, додаваат од ЈП „Градски паркинг“.