Македонија ЛДП: Срамна е одлуката на Уставниот суд за Законот за помилување

ЛДП: Срамна е одлуката на Уставниот суд за Законот за помилување

Срамна и недемократска е одлуката на Уставниот суд да ја прифати иницијативата за промена на Законот за помилување, со која повторно му се даде право на претседателот на државата да помилува лица осудени за изборни нерегуларности, реагираат од Либералнодемократската партија (ЛДП).

Според либералдемократите, денешната одлука на Уставниот суд е уште една потврда за спрегата меѓу извршната власт со поединци во судството чија цел е да се аминуваат изборните криминали. Од партијата го повикуваат претседателот на државата Ѓорге Иванов да ги надмине тесно-партиските интереси и да работи во интерес на граѓаните.

„Јасно е како ден дека ова барање следува откако Специјалното јавно обвинителство го отвори предметот „Титаник“, во кој се вмешани актуелни и поранешни функционери“, стои во соопштението на ЛДП.

Оттаму повторно апелираат до сите политички партии и меѓународниот фактор, што поскоро да се формира специјален суд, кој ќе ги „процесуира транспаретно и законито сите обвиненија на специјалното обвинителство“.