Обвинителството да поведе истрага за аудиоснимките на кои министерот Ставрески зборува за криминал во работењето на битолскиот градоначалник Владимир Талески, побара денеска опозициската Либерално-демократска партија (ЛДП) од Битола.
Советникот на ЛДП, Александар Касапов, вели дека по зборовите на Ставрески дека во Битола е склучен „коруптивен договор до даска“ за бесплатниот превоз на учениците со превозникот „Транскоп“, јавноста од Талески најмалку што може да очекува е оставка.
– Од аудиоснимките можеше да се слушне како Ставрески вели дека во Битола за превоз на ученици е склучен договор со „Транскоп“ и тоа коруптивен до даска. Понатаму, тој покрај големиот број навреди изречени за Талески, исто така, за него вели дека „кај што е неспособен, уште и криминалец“. По сето ова, ЛДП бара обвинителството по допрен глас да поведе истрага, за сè што се споменува во аудиоснимките како незаконско работење во Општина Битола, а Талески од морални причини да си поднесе оставка – вели Касапов.
Вистината за работењето на градоначaлникот Талески ќе се бара и од Советот на Општина Битола.
– На наредната седница на Советот на Општина Битола, доколку ситуацијата во Битола остане статус кво, советниците од ЛДП и од опозицијата ќе предложат заклучоци со кои ќе се побара вистината за Битола, во врска со овие аудиоснимки, да излезе на виделина и таа вистина никој да не ја попречува – вели Касапов.
Бесплатниот школски превоз во Битола беше една од најважните теми пред последните локални избори, откако долгот на Општината кон превозниците ја надмина сумата од 1 милион евра. Во април 2012 година, превозниците преку својот адвокат јавно најавија дека ќе ги тужат Општина Битола и градоначалникот Талески откако добија допис од Министерството за образование дека парите за превозот биле префрлени во Општината, а тие не добиле ниту денар.
Дванаесет фирми превозници беа согласни дека преку тужба на суд ќе си ги добијат парите и се заканија дека без превоз ќе ги остават преку 3.000 ученици од Битола и од Битолско. Но, засега од превозниците нема информации во јавноста дали воопшто има разврска за овој случај.
А.Б.