Шефот на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак, денеска изрази надеж дека со формирањето нова влада ќе се стави крај на политичката криза во Македонија и ќе почне да се работи на надминување на поделеноста на општеството.
– Се надевам дека формирањето влада и мандатот на Зоран Заев означува крај на политичката криза, која, за жал, влијаеше на политичките случувања во Македонија – вели Лајчак во интервју за „Европски Западен Балкан“, дадено за време на глобалниот безбедносен форум ГЛОБСЕК во Братислава.
Тој вели дека политичката криза придонела за поделби во општеството, а тоа е неопходно да се надмине за да може земјата да се врати на патот кон ЕУ и кон НАТО.
– Најпрво треба да биде направен обид да се обедини општеството, да се премостат разликите и да се надминат поделбите. Логична агенда или работа што може да помогне за остварување на тоа се евроатлантските интеграции. Сакаме да видиме враќање на нормалните демократски процеси во Македонија и рестартирање на заложбата за европска интеграција. Јас сум сигурен дека европското семејство ќе им помогне и ќе ги поддржи Македонците на овој пат – вели Лајчак.