Технологија Наука Кулинарски специјалитет од Тајланд предизвикува рак на црниот дроб

Кулинарски специјалитет од Тајланд предизвикува рак на црниот дроб

Тим научници и лекари од Тајланд се обидуваат да ги сменат навиките за исхрана на дел од населението во североисточниот дел од земјата, откако било откриено дека кулинарскиот специјалитет што го подготвуваат од свежа риба е главниот виновник за големата стапка на заболени од рак на црниот дроб, се вели во сторијата објавена од „Би-Би-Си“.

Јадењето кое се нарекува „кои плаа“ (koi plaa), жителите на посочениот регион го подготвуваат од мали риби, кои откако ситно ќе ги исечат, ги мешаат со локални треви, лимета и со живи црвени мравки. Специјалитетот го служат свеж, без да го готват.

Со децении кај дел од популацијата на североистокот на Тајланд биле констатирани екстремно високи стапки на заболување од рак на црниот дроб, кој кај мажите бил неколкупати повисок од светскиот просек.

Иако причината за тоа подолго време била поврзувана со воспаление на црниот дроб, предизвикан од паразити откриени во сировата риба, дури во последната децинија се прават напори за едукација на луѓето да ги сменат навиките на исхрана и, пред сè, да го готват „кои плаа“ за да ги убијат паразитите пред да ги изедат.

„Поврзаноста меѓу јадењето и високата стапка на заболувања ја проучуваме во нашите лабаратории повеќе од 30 години. Откривме дека паразитите во црниот дроб предизвикуваат реакција на имунолошкиот систем, кој доведува до воспаление, кое по повеќе години доведува до рак“, појаснува д-р Банчоб Срипа, од лабараторијата за испитување на тропски болести на Универзитетот „Кон Каен“.

Неговиот тим открил дека во некои заедници на североистокот на Тајланд, дури 80 отсто од луѓето биле инфицирани од овие паразити, дел од нив деца на четиригодишна возраст.

Според лекарите, ракот ретко се развива пред педесеттата година од животот, но кога ќе се појави, мали се шансите на пациентите да преживеат.