Подглавна секција Кучето на Бајден касна уште еден чувар во Белата куќа, единаесетти по...

Кучето на Бајден касна уште еден чувар во Белата куќа, единаесетти по ред

Ова е единаесетти пат кучето Командер да касне чувар во Белата куќа или во домот на семејството Бајден

Претседателот Џо Бајден оди во трпезаријата во Овалната соба со семејното куче Командер, 4 март 2022 година / The White House, Public domain, via Wikimedia Commons

Двегодишниот германски овчар на семејството на американскиот претседател Џо Бајден каснал уште еден агент на Тајната служба.

Нападот се случил во понеделникот вечерта, а на службеникот му била укажана помош на местото на настанот, се вели во вчерашното соопштение на Тајната служба што го пренесе Би-би-си.

Ова е единаесетти пат кучето Командер да касне чувар во Белата куќа или во домот на семејството Бајден.

Прес-секретарката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер претходно рече дека стресот од живеењето во Белата куќа бил причина за нападите.

„Како што сите знаете, комплексот на Белата куќа може да биде уникатен и многу стресен. Тоа е нешто што сигурна сум дека сите можете да го разберете. Тоа е уникатно и е стресно за сите нас. Така што, можете да замислите како е за семејно милениче или семејни миленици“, рече Жан-Пјер во јули.

Инаку, Командер е помладиот од двата германски овчара на семејството Бајден. Другите инциденти се случиле во домот на претседателот и првата дама во Делавер.

Во јули, официјални лица од Белата куќа рекоа дека, по низата напади врз персоналот, испробуваат нови техники за врзување и обука на Командер.

Ниту една од повредите на чуварите не била сериозна. Во инциденти со каснување агенти на Тајната служба било вклучено и другото куче на Бајден, Мајор.

Командер во Белата куќа пристигна во 2021 година како подарок од братот на Џо Бајден, Џејмс.