Македонија КСЗД: Доцни ангажирањето образовни асистенти за учениците со попреченост

КСЗД: Доцни ангажирањето образовни асистенти за учениците со попреченост

Ги повикуваме сите родители и ученици на кои им е оневозможено правото на образование, да ја пријават дискриминацијата, а Комисијата ќе се обрати до училишта со ресурсен центар за да ја утврди фактичката состојба со процесот на селекција и склучување на договори за работа со образовните асистенти, велат оттаму

Фото: Vidhyarthi Darpan from Pixabay

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) апелира до Министерството за образование и наука (МОН) да ја почитува обврската за обезбедување на правото на образование за секое дете без дискриминација и бара навремено да се осигура разумно прилагодување согласно индивидуалните потреби на секој ученик, добивање на соодветна индивидуализирана поддршка, како и поддршка на наставниците во работата со учениците со попреченост, наведено е во реакцијата на Комисијата.

Оттаму потсетуваат на коментарите на Комитетот за правата на лицата со попреченост при Организацијата на Обединетите Нации дека „инклузивното образование треба да се сфати како основно човеково право на сите ученици.“

„Ги повикуваме сите родители и ученици на кои им е оневозможено правото на образование, да ја пријават дискриминацијата до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а Комисијата по службена должност ќе се обрати до училишта со ресурсен центар за да ја утврди фактичката состојба со процесот на селекција и склучување на договори за работа со образовните асистенти“, велат во Комисијата.

Оттаму апелираат да се донесе новиот Закон за средно образование, со што ќе се подобри инклузивноста на средното образование и ќе се зголеми проодноста на учениците со попреченост во повисоките ниво на образование.