Македонија Крушевчани имаат најмалку можности за здравствена заштита

Крушевчани имаат најмалку можности за здравствена заштита

Истражувањето ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на жителите на овие региони како што се болници, здравствени домови, служби за заштита на жени, претшколски и школски деца, лекарски кадар

Photo by Hush Naidoo Jade Photography on Unsplash

Највисоки можности за здравствена заштита имаат жителите на главниот
град Скопје, а најмалку можности за соодветна здравствена заштита имаат
жителите на Крушево. Oва го покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, кое беше објавено денеска, а се однесува на степенот на здравствена заштита на жителите во 30 здравствени центри во земјава.

„Има огромни разлики во можностите, односно степенот на здравствена заштита што можат да ја добијат жителите на 30-те градови во земјава. Подобро стојат големите, а полошо помалите градови. Но, меѓу големите градови најлошо стојат Кичево и Кочани, а меѓу малите градови најдобро стојат Виница и Делчево“, покажало истражувањето.

Покрај Скопје, на врвот на листата се и Битола и Штип, додека на дното, покрај
Крушево се и Македонски Брод, Валандово и Крива Паланка.

„Истражувањето, кое вклучува 22 индикатори, ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на жителите на овие региони како што се болници, здравствени домови, служби за заштита на жени, претшколски и школски деца, лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, но и општата и стапката на смртност на доенчиња“, наведено е во документот.