Македонија Кривичниот суд ја замрзна сметката на „Финзи“

Кривичниот суд ја замрзна сметката на „Финзи“

Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека Основниот суд Скопје 1 донел решение да се замрзне сметката на фирмата „Финзи“.

„Во текот на вчерашниот ден, судијата на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 донесе решение со кое наложи да се запре извршувањето на финансиските трансакции на сметките на правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје. Ова решение беше донесено по повод наше барање за донесување привремена мерка забрана за користење и располагање со трансакциска сметка на правното лице во случајот „Трезор“. Појаснуваме дека нашето барање беше прецизирано во согласност со укажувањата на судијата на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1, со што изразивме подготвеност за продлабочување на професионалната соработка со судот“, соопштија од СЈО.

Обвинителството минатата недела го презентираше случајот „Трезор“, во кој осомничени се три раководни лица од Управата за безбедност и контраразузнавање и едно лице од МВР.

Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, во истражната постапка било утврдено дека четвртоосомничениот им помогнал на првите тројца осомничени да ѝ овозможат на компанијата „Финзи“, со која управувал сега починатиот Коста Крпач, да оствари имотна корист во вредност од 862.045 евра.