Македонија Кривични пријави против осум лица поради предизвикување пожари

Кривични пријави против осум лица поради предизвикување пожари

На 16 август во крушевско, А.М., поттикнат од второ и третоосомничениот, со шише бензин подметнал пожар кај помошната просторија кај место викано „Старски дом“, каде што живеат повеќе семејства

Фото: МВР (јули 2024)

Секторот за внатрешни работи Битола (СВР Битола) поднесе кривични пријави против осум лица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „предизвикување на општа опасност“, сторени во периодот од 15 јуни до 23 септември годинава.

До битолското Основно јавно обвинителство е поднесена кривична пријава против 75-годишниот Г.А. затоа што на 17 август запалил оган во просторот помеѓу дворот и градината до неговата куќа во селото Облаково, со намера да го изгори сметот, со што предизвикал пожар.

СВР Битола поднесе кривична пријава и против Л.М. (53) од Битола, затоа што на 10 август, додека заварувал со апарат за заварување и сечел со брусалка, не го обезбедил местото и од искра предизвикал пожар на сува треба на гробиштата во битолското село Кременица.

ОВР Крушево до прилепското обвинителство, пак поднело кривична пријава против В.Ш.(56) од селото Пуста Река, крушевско, затоа што во дворот истурила пепелник од шпорет со жар, при што настанал пожар на сува трева, кој зафатил и плевна и борова шума над селото.

ОВР Македонски Брод до ОЈО Кичево поднело кривична пријава против 57-годишниот Т.Д. од Прилеп затоа што на 5 август бил затекнат на место каде настанал пожар и кај него биле пронајдени предмети што го предизвикале пожарот. До прилепското обвинителство е поднесена пријава и против 54-годишниот Г.К. од селото Штавица, затоа што запалил сува трева во својот имот, а огнот се проширил и зафатил сува трева во соседните парцели.

ОВР Ресен, до ОЈО Ресен поднело кривична пријава против A.М.(43), М.П.(40) од Ресен и Ф.А.(52) од селото Алданци, крушевско. На 16 август, А.М., поттикнат од второ и третоосомничениот, со шише бензин подметнал пожар кај помошната просторија кај место викано „Старски дом“, каде што живеат повеќе семејства.