Македонија Кривични пријави против четворица учесници во вчерашните протести

Кривични пријави против четворица учесници во вчерашните протести

Полицијата подготвила кривични пријави против четворица скопјани, на возраст од 26 до 40 години, во врска со вчерашните протести за Мартин Нешковски што се одржаа пред зградата на Владата, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Четворицата се товарат дека сториле кривично дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување службени дејства“, стои во соопштение на МВР.

Станува збор за Б.Ј. (40), кој, според МВР, и досега бил пријавуван од полицијата. Оттаму тврдат дека досега против него биле поднесени 40 пријави, за повеќе кривични дела, меѓу нив и за разбојништва, тешки кражби, насилства, обид за убиство, измами, телесни повреди.

Според МВР во нивната евиденција забележан бил и третоосомничениот С.П. (26), против кого во 2011 година била поднесена кривична пријава за насилство, а имал и 32 прекршочни пријави за нарушување јавен ред и мир.

Останатите двајца немаат полициски досиеја.

Од МВР додаваат дека „како учесници во насилните инциденти во кои беше нападната полицијата, досега се идентификувани уште девет други лица од кои седуммина од Скопје и две лица од Битола“ и за нив сè уште се утврдувала „евентуалната кривична или прекршочна одговорност и по извршените консултации со надлежниот јавен обвинител ќе биде процесуиран соодветен поднесок“.

„Министерството за внатрешни работи врз основа на бројните снимки објавени во медиумите, но и снимките обезбедени од видеонадзорот, продолжува да работи на целосно документирање на вчерашните брутални насилства, откривање на учесниците и нивно изведување пред лицето на правдата“, стои во соопштението од МВР.