Македонија Кривична пријава за пет лица поради фалсификување пари

Кривична пријава за пет лица поради фалсификување пари

Лицата купиле фалсификувани банкноти во апоени од 100 евра, кои потоа ги искористиле за купување производи од различни продавници во Куманово и Крива Паланка

Photo by Markus Spiske on Unsplash

Пет лица во петокот биле приведени затоа што се сомничат дека извршиле кривично дело „фалсификување пари“, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Станува збор за четири лица-жители на Скопје – А.А. (31), М.А. (24), Д.С. и З.Р. и една жителка на Крива Паланка – И.М. (23).

Тие минатиот месец стапиле во контакт со лице од Скопје кое им понудило фалсификувани банкноти во апоени од 100 евра и за сума од 18.000 денари од истиот купиле 9 фалсификувани банкноти.

Лицата во текот на февруари и март во пет наврати во Куманово и Крива Паланка купувале производи од различни правни субјекти, со што се стекнале со противправна имотна корист од 500 евра.

Јавното обвинителство, од каде соопштија дека поведуваат постапка против петмината, информираа дека со лажните банкноти, осомничените набавувале храна, алати, но и изнајмувале соби.

Петорицата се лишени од слобода, за нив е поднесена кривична пријава, а судија на претходна постапка на сите им определил 30-дневен притвор.