Македонија Кривичен суд го одби барањето на СЈО за изземање на судијката Петровска

Кривичен суд го одби барањето на СЈО за изземање на судијката Петровска

Основниот суд Скопје 1 соопшти дека го одбил барањето на Специјалното јавно обвинителство да се изземе судијката Лидија Петровска, која го доби случајот со уништувањето на документите поврзани со опремата за прислушување.

„Во однос на барањето за изземање на судијката Лидија Петровска поднесено од Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), претседателот на Основен суд Скопје 1 донесе решение со кое барањето се одбива поради тоа што не се основани причините за изземање на судијата кои СЈО ги навело во своето барање“, информираат од Основниот суд.

Лидија Петровска беше спомената во една од „бомбите“ што лани ги објави СДСМ, во разговор воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во кој се тврди дека Петровска местото го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.