Култура „Кралски игри“ за власта и за љубовта, премиерно во Битолскиот народен театар

„Кралски игри“ за власта и за љубовта, премиерно во Битолскиот народен театар

Власта и љубовта е темата на првата премиера на битолскиот народен театар за оваа година со наслов „Кралски игри“. Претставата е работена според истоимената пиеса на рускиот драматург Григориј Горин, а во режија на Љупчо Ѓорѓиевски.

Режисерот Ѓорѓиевски вели дека ова е приказна за еден владател-апсолутист кој во своите раце ја држи целата световна и духовна власт.

– Ова е приказна за Хенри Осми, најпознатиот и најразвратниот меѓу кралевите на Англија. Ова е приказна за неговата апсолутна моќ и за љубовта, приказна за неговите поданици, кои немаат право ниту да мислат, ниту да чувствуваат. Ова е приказна за дилемата помеѓу човек – крал и власт – љубов, и, за жал, мотивот на власт се покажува како посилен од љубовта – рече на денешната прес-конференција режисерот  Ѓорѓиевски.

Според него, оваа претстава имам многу врска и многу асоцијации со денешните случувања во политиката, но крајната мисла е многу подлабока.

Претставата е камерна и премиерно ќе биде прикажана в петок, во 19.30 часот.

Преводот од руски го направи Оливера Павловиќ, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографија направи Андреј Ѓорѓиевски, а музиката е на Марјан Неќак.

Главните улоги ги играат Петар Горко, Слободан Степановски, Соња Михајлова, а во претставата е вклучен голем дел од актерската екипа на театарот.