Свет Балкан Коѕиас: Грција чека Македонија да покаже волја за компромис околу спорот за...

Коѕиас: Грција чека Македонија да покаже волја за компромис околу спорот за името

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, смета дека во Македонија сè уште не се созреани условите за да може да се прифати компромисно решение за името. Во интервју за весникот „Катимерини“, Коѕиас накратко се задржува на спорот за името, индиректно пренесувајќи порака дека сè уште не се гледа крај на решавањето на дводеценискиот спор, како и дека Грција и понатаму чека Македонија да покаже волја за компромис.

„Што се однесува до спорот за името, сметам дека треба да созреат условите кај соседната држава за да прифатат еден суштински компромис“, вели Коѕиас за „Катимерини“.

Грчкиот министер за надворешни работи коментира дека двете држави работат на спроведување на мерките за градење доверба, за кои уште еднаш истакна дека се активирани на грчка иницијатива.

„Целта ни е да се засилат нашите општествени и економски врски“, додава Коѕиас.

Грција и Македонија кон крајот на април одржаа нова рунда преговори за мерките за градење доверба, фокусирајќи се на можностите за енергетска, културна, академска и економска размена и на можностите за развој на транспортната и на патната мрежа.

Состанокот за мерките дојде по самитот за бегалската криза во Солун, на иницијатива на Коѕиас, на кој имаше и тет-а-тет средба меѓу грчкиот министер и шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.

Коѕиас за „Катимерини“ коментира дека состанокот во Солун се покажал како успешен потег за подобрување на односите меѓу четирите држави Грција, Македонија, Албанија и Бугарија, поради што е и договорено да се повторува на секои шест месеци.