Свет Европа Ковачевски се сретна со Зеленски: Земјава ќе продолжи да ја помага Украина...

Ковачевски се сретна со Зеленски: Земјава ќе продолжи да ја помага Украина додека е потребно

На средбата премиерот Ковачевски ја нагласил континуираната и силна македонска поддршка на Украина во напорите за одбрана на земјата и враќање на слободата и мирот, а со тоа и стабилноста во регионот

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. На средбата присуствуваше и владиниот вицепремиер  задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, информираат од владината прес-служба.

На средбата премиерот Ковачевски ја нагласил континуираната и силна македонска поддршка на Украина во напорите за одбрана на земјата и враќање на слободата и мирот, а со тоа и на стабилноста во регионот. Осудувајќи ја бруталната воена агресија која Русија ја врши врз независна и суверена Украина, Ковачевски повторил дека Северна Македонија ќе продолжи со недвосмислена и силна поддршка за Украина, во нејзината самоодбрана и заштита на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет.

„Овој пристап, Северна Македонија јасно го манифестира како на билатерална основа, така и во рамките на НАТО, како и со приклучувањето кон Декларацијата на земјите од Г7 за безбедносни гаранции за Украина“, се наведува во владиното соопштение.

Премиерот Ковачевски истакнал дека Северрна Македонија ќе продолжи да ѝ помага на Украина сè додека тоа е потребно, преку испраќање помош кон Украина, како што тоа го правеше и досега.

Претседателот Зеленски изразил благодарност за поддршката на Северна Македонија на Украина од почетокот на воената агресија, која е значајна за украинските сили и која украинскиот народ високо ја цени. Претседателот Зеленски информирал за најновиот развој на состојбите на теренот.