Македонија Ковачевски: Пресудите за „Јавна соба“ обесхрабруваат повторни појави на вакви случаи

Ковачевски: Пресудите за „Јавна соба“ обесхрабруваат повторни појави на вакви случаи

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Во рамките на одбележувањето на 16 дена активизам против родово насилство на Форумот за родова еднаквост во организација на Министерството за труд и социјална политика и Фондацијата Фридрих Еберт, премиерот Димитар Ковачевски рече дека фокусот од сега и во иднина ќе биде на практичната примена на легислативата бидејќи клучот за успешното справување со родовото насилство лежи во примената и механизмите кои ќе се унапредат во пракса.

„За родово базираното насилство говориме низ целата година. Говориме што правиме и што ќе правиме за време на 16-те дена активизам против родово насилство секој ноември. Говориме секој пат кога ќе прочитаме полициски билтен или новинарски напис. Говориме секогаш кога ќе чуеме дека тоа се случило на некој нам близок. Но она што сметам дека е најважно, е дека оваа Влада не работи само на говорењето за проблемите. Иако токму тоа говорење е најважно за подигнување на свеста и надминување на состојбите во кои се табуизира насилството врз жените и девојчињата, јас како прв во извршната власт, заедно со мојата Влада имам одговорност да направам што е можно повеќе системски измени во насока на спречување на насилството“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека без разлика дали станува збор за новиот Закон за спречување на дискриминација со кој се остварува правото на жената за безбеден прекин на бременоста и укинување на административните бариери кои го одолговлекуваа или пак за родовото буџетирање, сите тие се насочени кон обезбедување на безбедна и сигурна средина за жената во која може без притисок да донесе сопствена одлука.

Според Ковачевски, Законот за родова еднаквост треба да ја зајакне положбата и статусот во општеството и да обезбеди еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општеството. Тој предвидува формирање на секретаријат чија основна намена е следење на мерките за родова еднаквост.

„Случаите како „Јавна соба“ ни ги покажаа слабостите на системот но исто така ни покажаа дека санкционирањето и превенирањето се најважните алки во справувањето со родово базирано насилство. Пресудите на обвинетите во случајот „Јавна соба“ обесхрабруваат други повторни појави на вакви случаи“, рече премиерот.