Главна секција Коцијанчич: Обврските се неисполнети, ЕУ ја крати финансиската помош за Македонија

Коцијанчич: Обврските се неисполнети, ЕУ ја крати финансиската помош за Македонија

Влошениот политички амбиент е една од причините зошто Владата и администрацијата не беа во можност или немаа волја да ги исполнат обврските за реформа или да ја покажат потребната подготвеност да ги планираат потребните реформи и да ги имплементираат фондовите на ЕУ, одговори портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, на прашањето на „Мета“ зошто Европската комисија скрати 27 милиони евра од ИПА-фондовите.

Таа потврди дека кратењето на финансиската помош за Македонија ќе изнесува и повеќе од 27 милиони евра.

– Последните неколку години, а особено минатата година, Европската комисија неколкупати ја објасни својата загриженост до надлежните органи во врска со недостигот од подготвеност, зрелост во планирање во клучните сектори, како и со недостигот од политичка посветеност за реализација на потребните секторски и општи реформи. Како резултат на тоа, Комисијата мораше да ја намали финансиската помош на ЕУ за 2016 година, како и да одлучи да не продолжи со уште еден проект – додаде Коцијанчич.

Портпаролката на Европската комисија, исто така, смета дека државата треба да се фокусира на мерки кои ќе обезбедат одржливост на големи инвестиции во инфраструктурата.

– Има многу недостатоци во транспортниот сектор, кои спречија правилно планирање и координација во тој сектор – вели Коцијанчич.