Главна секција Коцијанчич: ЕК не коментира првостепени судски одлуки

Коцијанчич: ЕК не коментира првостепени судски одлуки

Европската комисија очекува сите судски процедури во земјата да бидат спроведени со целосно почитување на принципите на националното, како и на меѓународното право, вклучувајќи ја и релевантната судска практика во согласност со Европската конвенција за човекови права, изјави за „Мета“ Маја Коцијанчич, портпаролката на еврокомесарот Јоханес Хан.

Коцијанчич, сепак, не сакаше да ја коментира вчерашната одлука на Основниот суд Скопје -1, со која аудиоснимките и транскриптите од „бомбите“ ги отфрли како доказен материјал, особено зашто тоа не е конечна пресуда за случајот.

– Европската комисија не коментира одделни судски случаи, особено првостепени, кои подлежат на жалби и кои не се конечни – рече Коцијанчич, додавајќи дека Европската комисија очекува специјалниот обвинител да биде назначен и целосно да ја спроведе својата функција во согласност со Договорот од Пржино.

Опозицискиот СДСМ денеска ја оцени вчерашната одлука на Основниот суд Скопје 1 како незаконска, истакнувајќи дека судот нема право да постапува по барање на Никола Груевски и на другите осомничени во оваа фаза од постапката.

Партијата смета дека повисоката судска инстанца е должна да донесе одлука за укинување на ваквите незаконски решенија на судијата во предистражна постапка.