Македонија Котевски за изјавата на Заев за можно одложување на изборите: 24 април...

Котевски за изјавата на Заев за можно одложување на изборите: 24 април е круната на Договорот од Пржино

Секој обид да биде загрозена крајната цел на Договорот од Пржино, односно изборите на 24 април, е загрозување на целокупниот договор и на конечниот излез од политичката криза, вели за „Мета“ директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, запрашан за коментар за денешната изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека со еврокомесарот Јоханес Хан ќе се разговара за тоа дали изборите ќе бидат во април, јуни или дури во септември.

– Излезот од политичката криза, односно изборите кои треба да се одржат на 24 април се круната на Договорот од Пржино. Граѓаните на Македонија очекуваат договорот да биде реализиран и земјата да продолжи да чекори по патот на реформите. Секој обид да биде загрозена крајната цел на договорот, изборите на 24 април, е загрозување на целокупниот договор – вели Котевски.

Тој вели дека суштината на Договорот од Пржино „не е некој да стане технички министер без мандат од граѓаните“, туку да се најде излез од политичката криза.

Денеска за „Мета“, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека иако сè уште нема договор за поместување на изборите, за таа одлука треба да разговараат сите потписници на Договорот од Пржино на средбата со еврокомесарот за проширување и за меѓусоседска политика, Јоханес Хан, кој неделава треба да допатува во Скопје.

Заев вели дека „можеби ќе се дојде до заклучок дека септември е идеален датум“ за одржување на предвремените парламентарни избори.